Организаторот на концертот на хрватската Парни Ваљак, која е извонредно популарна на поранешните југословенски простори го одложи концертот кој првично беше закажан од 16-ти мај на 6-ти јуни.
„Моменталната ситуација во Република Македонија и настаните кои што се случија изминатиов викенд, се причините поради кои Прагма Продукција одлучи концертот да го премести за месец јуни. Купените влезници ќе важат за тој концерт“, се вели во соопштението на организаторот.
Освен Прагма Продукција, со оваа одлука едногласно се согласиле членовите Парни Ваљак.
Тие порачуваат дека нивните мисли се македонските граѓани и дека се надеваат на што побрзо надминување на оваа состојба.
„На сите членови на бендот Република Македонија им е во срцето. Особено на фронтменот Аки Рахимовски којшто земјата на сонцето сé уште ја смета и за своја татковина“, се вели натаму во соопштението. Рахимовски е родум од Скопје, и во македонската престолнина ја започна својата импресивна пејачка кариера.
Истовремено Прагма Продукција и Парни Ваљак изразуваат сочувство до семејствата на загинатите припадници на полицијата – „хероите кои Македонија никогаш нема да ги заборави“.