Експертите тврдат дека обликувањето и тонирањето на областа околу стомакот може да биде забавно и едноставно. Тоа и не е тешко да се постигне, само треба да вежбате секојдневно. Аеробните вежби за стомачни мускули, подолги од седум минути, ги стимулираат капиларите во тој дел од телото, што резултира со зголемен проток на крвта.
Поголемиот проток на крв значи и поголем проток на кислорот, а маснотиите согоруваат само во присуство на кислородот.
На напрегнатите мускули им требаат повеќе калории за да останат активни. Нашиот организам настојува да се ослободи од потребните калории во подрачјата на телото каде што се активни мускулите, така што побргу ги согорува маснотиите во тој дел.
1. Набавете мали тегови кои ќе ви служат за држење рамнотежа повеќе отколку за затегнување на бицепсите.
Пуштете ја омилената песна, застанете во исправена положба со благо раширени нозе и виткајте го телото на страна без да ги свиткувате колената.
Бројот на виткањa на телото е неограничен. Правете ја вежбата сè додека чувствувате дека може да издржите.
2. Седнете на подот со свиткани нозе и подгответе се за игра.
Еден од теговите земете го во раце и раширете ги нозете, кревајќи ги благо нагоре. Почнете да го префрлате бавно тегот од една во друга рака под и над колената во форма на бројот осум.
Освен што ќе ги затегнете стомачните мускули, ќе го победите и целулитот, а вашите нозе ќе станат поцврсти.
3. Легнете на подот со исправени нозе. Едната рака потпрете ја на земјата и почнете постепено да ги кревате нозете без да ги виткате колената во насока на вашето лице, допирајќи ги со другата исправена рака.
4. Застанете во исправена положба, со рацете позади главата. Раширете ги нозете и благо потклекнете со исправен грб. Спуштајте се полека кон левата, па кон десната страна, скоро допирајќи го лактот со коленото.
Повторувајте ги овие вежби секој ден и резултатите ќе бидат видливи. Не само што ќе имате секси рамен стомак на кој ќе ви завидуваат, туку и задникот и нозете нема да останат незабележани.
Областа околу стомакот е најпроблематична за многу жени. Впрочем, скоро половина од читателките на Femina.mk (46%) кога се по бикини, најмногу се срамат од својот стомак.
Добрата вест е што вишокот на стомакот е решлив проблем. Потребна е само желба и посветеност.