Ако ги заборавиме ситниците кои понекогаш знаат да ни го кренат притисокот – семејството е најголемото богатство. Тоа е многу повеќе од заеднички ручеци и празници – семејството влијае на менталното и психичкото здравје, и тоа на многу начини.
“Семејството е многу важно за растот и развојот на децата, вклучувајќи ги и животниот елан и брзината со која учат”, вели Бен Сигел, педијатар од Бостон. Тој додава и дека семејството е многу важно за здрав животен стил во подоцните години.
Доктор Кенет Гинсбург, кој ја издал книгата “A Parent’s Guide to Building Resilience in Children and Teens”, објаснува дека децата кои се поврзани со своето семејство најверојатно нема да земаат дрога, ќе бидат добри ученици, па дури и подобри возачи. Но многу поважно е што цврстите семејни врски ќе им помогнат на младите полесно да се соочат со стресните ситуации и полесно да ги пребродат тешкотиите кои ги носи животот.
Еве зошто семејството нѐ прави поздрави и посреќни:
Заедничките оброци нѐ прават поздрави
Децата и тинејџерите кои најмалку три пати во неделата јадат заедно со остатокот од семејството ќе бидат помалку склони кон дебелеење и помалку ќе јадат нездрава храна. Освен тоа, едно истражување покажа дека времето поминато на маса со семејството кај најмалите ги поттикнува говорните вештини.
Сестрите нѐ прават посреќни
Лицата кои имаат сестра имаат поголеми шанси да бидат посреќни, тие се пооптимистични, помалку се под стрес, подобро ги решаваат проблемите и имаат поголема самоконтрола. Научниците сметаат дека е така поради тоа што сестрите поттикнуваат отворена комуникација и кохезија во семејството.
Татковството го намалува нивото на тестостерон
Откако ќе станат татковци нивото на тестостерон кај мажите опаѓа, ова го покажа едно истражување на Филипините. Поголемото ниво на тестостерон значи и поголема доза на агресивност.
Поради нежните мајки имаме подобар имунитет
Според истражувањето објавено во “Molecular Psychiatry” децата кои имаат грижливи мајки ќе имаат подобар имунитет во текот на животот. Испитаниците кои имале добар однос со мајката имале пониско ниво на протеини, кои се поврзуваат со воспаленијата.
Заинтересираните татковци се причина за подобри резултати на училиште
Децата чии татковци активно се вклучени во нивното воспитување и образование имаат подобар успех на училиште и поголема самоконтрола. Од друга страна оние кои немаат добар однос со татковците имаат поголеми шанси да го напуштат училиштето, бидејќи имаат проблеми при учењето.