Епизодата која синоќа тебаше да се прикаже на „Сител“ телевизија, беше последна пред почетокот на настапите во живо од Белград. Во Србија, сепак, не беше одложено прикажувањето, па во „Икс-фактор“ беа објавени и последните одбрани финалисти.
И двајцата Македонци кои стигнаа до оваа фаза беа во групата на момчиња, чиј ментор е Александра Ковач. Во фазата каде натпреварувачите настапуваат во домовите на судиите, таа, во својата финална тројка го одбра Давид Темелков од Скопје. Тој својата изведба и песната „Angels“ од Роби Вилијамс им ја посвети на загинатите бранители.
– Овој настап и оваа песна им ја посветувам на бранителитешто го дадоа својот живот да нѐ заштитат, а кои се сега наши ангели – изјави Темелков.
Покрај 22-годишниот Темелков, во групата на Ковач остануваат 16-годишниот Илија Михајловиќ од Белград и 17-годишниот Антонио Кристофиќ од Опатија. Во изборот на кандидати на Ковач и помагаше Калиопи.
Сепак, тоа, не значи дека натпреварувањето е завршено и за охриѓанецот Боби Мојсоски. Публиката има шанса да додели wild card, односно да врати по еден испаднат кандидат од секоја група.
Групите кои Тончи Хулиќ ги одбра да се натпреваруваат во емисиите во живо се „Инфинитас“, „9контрол“ и „Анџелине“.
Во финалето, засега, нема да ги гледаме ни Босанците Тарик Мулаомеровиќ и Аднан Пачоли, дуо кое важи за едно од најголеите фаворити годинава.