Поради спотот за песната „Wildest Dreams“, снимен во Африка, поп ѕвездата Тејлор Свифт се најде на удар на бројни критики.
Режисерот на спотот кој претставува љубовна приказна сместена некаде во Африка во 50-тите години од 20 век, кој од првото емитување на интернет бил прегледан 15 милиони пати – ги отфрлил критиките дека станува збор за мини филм со колонијалистички поглед на Црниот континент.
Иако приходите од спотот се уплаќаат во Фондацијата на африканските паркови во Америка, критичарите го нападнале нејзиниот „стереотипен“ поглед на Африка.
– Ти благодариме Тејлор Свифт што покажа уште еднаш дека стереотипите за Африка се безбедно на врвот на американската поп култура – навел Мет Каротенто кој предава африкански студии на њујоршкиот Универзитет Сент Лоренс.
Режисерот Џозеф Кан вели дека спотот за „Widlest Dreams“ е љубовна приказна сместена во Африка во 50-тите години од 20 век, и дека би било историски направилно доколку биле ангажирани повеќе црномурести актери.
– Тука нема политички мотив. Нашата единствена цел беше да раскажеме трагична љубовна приказна во класична холивудска иконографија – навел Кан.
Свифт, која има речиси 64 милиони фанови на Твитер, и чиј албум „1989“ бил продаден во осум милиони примероци ширум светот, не се огласила по повод критиките за новиот спот.