Прогласувањето на епидемија на морбили, забраната за невакцинираните деца да бидат примени во градинките и појавата на морбили кај вакцинирани деца на наведоа на потребата да поразговараме со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Детската болница Козле.
Епидемија со морбили? Стварност во денешно време или?
– Епидемијата од морбилите според мене беше очекувано нешто во нашата земја и не само во нашата туку и во сите земји каде антивакциналниот синдром зафати и кој поготово на нас во Македонија ни се случуваше во изминативе десет години. Една анатема која оправдано беше презентирана меѓу нашиот народ и како резултат на тоа што се дозволи навистина увоз на вакцини кои беа со сомнително потекло. Ние лекарите навистина дадовме се од себе да можеме да ја пренесеме вистинската слика на граѓаните и се со цел да си ја заштитиме својата популација но набавките кои се вршеа во тој децениски период не оставија и нас како стручни лица без зборови, на еден начин и ние навистина пак се со цел да бидеме доследни на Хипократовата заклетва бевме крајно внимателни при самиот вакцинациски чин. Министерството за здравство во овој макотрпен период заедно со сите компетенти институции се заангажира да ни овозможи на сите нас поготово на дечињата да се добијат најквалитетните вакцини и да процесот на вакцинација не е повеќе табу тема и предмет на препукувања , анетемисања и заговори. Онаа што треба да ни биде светлина на крајот од тунелот е да самите родители сватат дека нашите дечиња мораат да бидат заштитени, да имаат морална и свесна обврска дека заштитувакќи го своето дете ги заштитуваат и сите останати дечиња . Лекарите имаат препораки кои ги пренесуваат не само на родителите , туку и на сите оние кои се во целосното опкружување и сите оние кои се занимаваат со оваа проблематика. Да ја демистифицираме целата работа јас ќе ги изнесам препораките кои се дадени од Министерството за здравство , Комитетот за имунизација и сите релевантни и надлежни субјекти кои се заангажирани да овој проблем навистина биде решен и да е минато , бидејќи се стремиме да сме модерна држава и да ги следиме сите светски здравствени протоколи. За таа цел дури и се воведува нов вакцинациски календар а и новите вакцини кои се на нашиот праг т.е се воведуваат нови вакцини кои ќе ни ја заштитат популацијата и нашата иднина нашите дечиња.
– Инкубацијата со морбили е во просек 14 дена (6-19дена). Доколку се вакцинира 72 часа по контактот со заболен од морбили во извесна мера може да се заштити од болеста;
– Детето може да се вакцинира без претходни испитувања. Пред да се спроведе вакцинација потребно е да се земе анамнеза и да се направи клинички преглед на детето. Доколку врз основа на анамнезата и клиничкиот преглед се установи дека детето е здраво може да се вакцинира. Нема потреба од дополнителни лабораториски иследувања (крвна слика или ЦРП);
– Прележана варичела не е контраиндикација вакцина.
– Алергии на храна не се контраиндикација за вакцинација освен лицата кои имаат доживеано анафилакса по конзумирање јајца треба да се вакцинираат со крајна претпазливост (предупредување во упатството на производителот);
– Дете со алергиски заболувања (нутритивна алергија, астма, егзем, алергиски ринит) нема контраиндикација за да прими вакцина.
• Контраиндикации за вакцинирање со ММР вакцина се:
– анамнеза за анафилактична реакција на неомицин;
– анамнеза за тешка алергиска реакција на некоја од компонентите на вакцината или на прва доза на ММР вакцина;
– бременост;
– лица во имуносупресија, лица со имундефицит (примарен или секундарен), лица со малигни заболувања, лица кои примаат системска имуносупресивна терапија
• Вакцинирање со претпазливост:
– лице кое примало крвен дериват;
– умерена (минорна) инфекција со или без температура (проценка на лекарот дали да ја одложи вакцината откако детето ќе оздрави);
– анамнеза за тромбоцитопенија или тромбоцитопенична пурпура.
• Состојби кои не се контраиндикација за вакцинирање (општи препораки):
– анемија;
– хронични болести на бубрези, бели дробови, црн дроб, срце кои се во стабилна состојба;
– кардиопатии, стабилни невролошки заболувања;
– фебрилни конвулзии.
– Кај деца со хронични заболувања (на бубрези, бели дробови, црн дроб, срце, невролошки) соодветниот субспецијалист (невролог, пулмолог, кардиолог…..) треба да даде проценка дали детето е во стабилна состојба и може да прими вакцина.
– Како и кај сите вакцини, треба секогаш да биде достапен соодветен медицински надзор и третман поради евентуален ризик од развивање на ретка анафилактична реакција по вакцинирање. Минимум 15-30 минути по примање на вакцина да се обсервира детето во чекална.
Еве со овој чин наведуваме се што треба да знаат родителите за да имаме детабуизација на чинот на имунизација. Треба да се знае дека сите оние предрасуди кои беа нафрлени и јавноста беше бомбардирана од лажни информации што се предизвикувала оваа вакцина, можам слободно да кажам дека тие наводи се неточни и дека медицината е наука базирана на докази. За сите невистини можам само да потврдам дека дури и кај невакцинирани деца имаше појава на многу несакани болести за кои тврдеа дека стритно се појавувале само поради ова вакцина но ете и тоа беше докажано и јавно објавено дека сето тоа е голема лага. Сето тоа беше контролирано на светско ниво и беа објавени сите докази кои покажаа сигурност во самиот процес на вакцинирање и немање никаква поврзаност со несаканите нус појави.
Европа и светот си продолжија со својата медицинска култура и високо развиена свест и затоа се искоренети огромен број на заболувања , дури и не се користат одредени вакцини повеќе во тие држави баш поради фактот дека сето тоа е минато. Редно е да се разбуди свеста за неопходноста од имунизација на нашите деца. Нам како модерно општество не ни се потребни комликациите и голготата на веќе одавна искоренетите болести. Подобро е да се спречи од колку да се лечи , поготово ако е тоа се работи за нашите мали херои дечињата.Накратко ке цитирам една своја претходно кажана максима “Нема докази дека вакцините се штетни, но има безброј докази дека со сигурност ќе се разболите ако не се вакцинирате”
Многу сте застапени во медиумите со вашите изјави, постојано се трудите да сте транспарентни и отворени на што се должи овој ваш личен момент?
– Морам да кажам дека навистина тоа што го ветив на моите родители кои исто така се лекари од кој јас учев нешто највредно а тоа е дека помош мора да се укаже секогаш и во секое време. Јас прераснав во лекар кој ги сака децата , сум посветен постојано и без престан на нив и на сите на кои им е неопходна помош без разлика кога таа ќе се побара. Отвореноста и пружената рака поготово на дечињата а и на родителите како совет многу значат , знаејќи дека тие несомнено ќе ја искористат барем препораката и да препознаат во даден момент што да сторат за нивното дете . Токму тие препораки и совети ги давам постојано за да и подоцна кога ќе се наложи да биде укажана медицинска помош таа биде побрза и навремена. Здравиот моли за многу работи а болниот само за една – да е здрав. Нашата иднина се токму децата, нашиот продолжеток на лозата и нацијата продолжеток на нашите вредности. Јас како лекар започнав една кампања која зема огромен замав кампањата ја нареков СЕ ЗА ДЕЦАТА , таа кампања опфати многу добротворни акции и разбуди големи емоции кај народот. Таа кампања сеуште трае, сите донации кои беа дадени за болницата Козле беа усмерени да таа болница биде модернизирана и да прерасне во еден модерен државен детски центар т.е прва детска болница. Јас ќе продолжам со истото темпо и никогаш нема да се сменам за да можам и понатака на секој можен начин да им помогам на децата тоа е мојата животна задача и определба.
Ја спомнавте Детската болница Козле во која сте и медицински директор, што се се направи во болницата кои се достигнувањата а нормално кои се и целите во иднината?
– Детската болница Козле, напредува постојано и граби кон она што е зацртано како план и како една визија која јас лично ја кажав и ја објавив. Кога застанав на чело на болницата за жал таа сеуште не беше активирана ниту технички довршена ниту апаратурно опремена. Недостасуваа многу работи кои порано биле таму а многу од нив веќе беа и застарени. Наследените проблеми ми беа само еден вид мотивација за да навистина не го гледам минатото иако од него се учи само едно нешто , да никогаш не се повтори, тоа минато ми беше една отскочна даска да се заложам да навистина таа болница не биде само болница , туку институција од врвен ранг со сите потребни и неоходни средства и да парира на приватните болници. Можам да ги набројам работите од самиот почеток како еден список и показател што се е направено во таа сега веќе врвна установа.
Го решивме долго годишниот проблем со канализацијата, бевме постојано повикувани и преку медиумите и поплаките постојано стигаа на наша адреса дека сме директно виновни за контаминација на населбата иако тоа беше задача на градителот на болницата и на општината , сепак ние смогнавме сили и со помош на министерството и наши средства , тоа веќе стана минато.
Дворот на нашата болница е комплетно модерно направен со слики од познатите ликови од цртаните филмови кои децата ги сакаат, направивме да се чуствуваат како да не одат во болница туку да се во една голема игротека. Комплетно осветлен , голем и широк бесплатен паркинг. Ѕидовите во самата болница се исцртани со прекрасни детски приказни и сликички од смешни ликови. Прегледната амбуланта број 1 е со донација насликана со Шпански мурали со ликовите од Дон Кихот донација на Шпанската амбасада. Донации од Лајонс и Ротари клубовите се постојани , донирани се прочистувачи на воздухот кои се низ целата болница. Жито Лукс ни е постојан донатор кој ни донираше од негативо скопи до модерна ОРЛ апаратура.
Јапонската амбасада и Јапонскиот народ ни направија огромна донација во најмодерна медицинска апаратура. Осигурителната компанија Еуролинк ни овозможи да опремиме скромно одделение за интезивна нега , кое исто така како визија на министерството, Клиниката за гинекологија и Детската клиника ќе е еден затворен систем каде интезивните пациенти ќе се третираат и со тоа ќе го намалиме процентот на смртност а и овозможиме шанса за давање на интезивна помош на секое детенце кое има нужност од таква помош.
Германската амбасада не опреми со потребна модерна апаратура за физиотерапевтска нега и монитори за следење на виталните параметри. Огромна е листата на добротвори кои можам да ги набројувам уште многу долго, но ќе забележам само едно нашата благодарност е голема а нивното добротворство веќе го запишуваме на нашиот зид на пријатели кој се наоѓа на самиот влез од болницата. Болницата исто така доби многу квалитетни кадри, лекари и сестри, психолог и очекуваме постојано да добиваме нови кадри кои ни се неопходни за развивање на нашето работење и давање несебична и се опфатна помош. Ќе напомнам дека целиот тим функционира постојано но потребни се и уште нови сили. Ќе резимирам дека болницата е центар за многу гранки во педијатријата, астма центар, алергиски центар, бронхоскопски центар, полисомнографски центар, ОРЛ центар, комплетен дијагностички рентген и лабараториски центар и многу други кои не носат кон остварување на нашата цел а тоа е прва детска болница во Македонија. Како еден битен момент е дека нашите граници се широки и да се каже дека Македонија има прв центар за пациенти заболени од Цистична фиброза во регионот. Министерството направи напори и ни подготвува посебен дел во склоп на нашата болница т.е центар за ЦФ(цистична фиброза) за деца и возрасни и прв палијативен центар за деца.
Намерите се чесни и искрени и сето ова е ставено во служба на децата во служба на нашите граѓани бидејќи оваа болница е најмодерна детска болница која навистина ги достигнува максимумите а е државна институција. Многу труд и напор и несебично залагање беше вложено да сето оваа прерасне од идеја до реализација и ќе се продолжи и понатаму со истото темпо и транспарентно ќе биде кажано. Инаку болницата располага со 91 легло за деца 91 легло за мајки, собите се со посебен тоалет, интернет, телевизија, посебни ормани за облека, фрижидери, наткасни, столови , нешто што навистина заслужува да биде споменато и да можеме и ние како државно здравство да се гордееме со оваа болница.