Предновогодишниот период е времето од годината кога подаруваме љубов, кога споделуваме убави мигови, кога создаваме спомени, но и кога ја покажуваме својата хуманост на дело.
Токму затоа, вчера, на 17 декември, во организација на Скопје Мериот Хотел во соработка со Катар Аервејс –Подружница Скопје, за децата од СОС Детското село беше организирана пригодна детска програма заедно со пакетчиња и фотографирање со Дедо Мраз и многу други забавни активности.
Во рамки на настанот присутен беше и познатиот пејач Даниел Кајмакоски кој заедно со дечињата учествуваше во креативна работилница, во која тие заедно изработуваа новогодишни честитки и украси, а на крајот на настанот ги посетија и децата од хорот „Златно славејче“ кои заедно со Даниел испеаја неколку новогодишни песни.
„Навистина е прекрасно кога имаме можност да бидеме хумани и да придонесеме за еден поубав ден полн насмевки, но и едно подобро утре за оние кои се во понезавидна позиција. Мене ми е навистина чест што сум овде и што имам прилика да се дружам со овие дечиња, а нивната искрена насмевка и прегратка ми се само потврда повеќе дека со вакви активности навистина успеваме да им го разубавиме секојдневието на овие деца“, рече Даниел Кајмакоски.
Инаку, децата од СОС Детско село Македонија исто така ги пишуваа и своите желби за Дедо Мраз, кои ги оставија како декорации на елката, па во духот на хуманоста и споделувањето, Скопје Мериот Хотел ги поканува сите свои гости, посетители и оние кои сакаат да купат подарок за некое од овие дечиња, да го посетат хотелот и земат една од пораките.
Елката со желби ќе биде поставена во фоајето на Скопје Мериот Хотел од 18.12.2017, па сите оние кои сакаат да бидат хумани и да ги израдуваат дечињата од СОС Детско село, можат да го сторат тоа сѐ до Божиќните празници.