Сите сакаме да прославиме и да се напиеме голтка повеќе за новогодишната ноќ. Тоа и не би било голем проблем да не беа последиците. “Утрото потоа” секогаш ве тера да си ветите дека никогаш повеќе нема да пиете.
Главата “ќе ви пукне”, устата ви е сува, ви се врти… Народната медицина и науката многу зборувале за мамурлакот, но откако ќе пробате со аспирин, расолница, сауна, живи јајца, квасец и витаминско-минерални таблети, сите ќе се согласите дека вистински лек што ќе го спречи или излечи мамурлакот – едноставно нема! Може само да го забрзате чистењето на организмот од алкохолот, делумно да ублажите некои симптоми и да чекате сето тоа да помине.
За почеток малку теорија: мамурлак е име за последиците од алкохолно труење, изразот труење не е избран без причина. Симптомите вклучуваат дехидрација, гадење, болки во желудникот, главоболка, пречувствителност на светлина и звуци, дијареа, ослабени моторни вештини, концентрација и меморија. Не заборавајте дека мамурлакот е најсреќна варијанта на труење.
Неколку часа пред да излезете подгответе си витаминско-минерална бомба и обезбедете го телото со витамини (А, B и C), како и со магнезиум и цинк. Два аспирина, 600 мг витамин C, 1-2 таблети B комплекс, банана, две лажици мед, неколку јагоди, чаша сок од портокал, половина чаша млеко, малку сол и мелено морско оревче – сето ова измиксирајте го и испијте го.
Секогаш пијте на полн стомак. Пред да излезете од дома – каснете нешто, идеални продукти за подобра апсорпција на алкохолот се лебот и компирите.
Секогаш пијте чаша вода помеѓу два алкохолни пијалака, тоа ќе му овозможи на организмот да задржи доволно течности и постепено да ги впива токсините.
Ноќта е долга, затоа пијте умерено. Еден пијалак на еден час, толку му е потребно на организмот за да го преработи алкохолот.
Утрото кога ќе се разбудите пијте многу вода и напијте се мултивитамин, тоа ќе му помогне на организмот побрзо да се ослободи од токсичните материи. Не пијте аспирин и други лекови против болка.
Од народните лекови ја признаваме расолницата (богата е со сол и витамин C), како и домашната супа од зеленчук. Посолете ја и јадете ја полека, лажица по лажица. Вода исто така пијте полека, голтка по голтка, во текот на целиот ден. Често празнете го мочниот меур. Јадете овошје и зеленчук или пијте природни сокови: од портокал или од домати, никако од грејпфрут. Избегнувајте кафе и црн чај – диуретиците само ќе ја зголемат дехидрацијата. Заборавете на масна и тешка храна.
Туширајте се со млака вода. Затемнете ја просторијата, олеснете ја главоболката со помош на ладни облоги, а кога ќе можете да станете од кревет истегнете ги мускулите и направете неколку едноставни вежби. Но ако и при најмали движења ви се лоши останете во кревет колку што ви е потребно, во тишина или со тивка музика. Кога ќе ви биде подобро, расположете се со добро друштво, интересна книга или филм.
Повеќето симптоми ќе исчезнат во рок од 24 до 48 часа, но тоа што веќе не ви е лошо не значи дека сè е во ред. На телото му се потребни од шест до седум дена целосна апстиненција за да се врати во нормала! За долгорочните последици, како што се дупките во меморијата и срамот поради глупостите кои сте ги направиле под влијание на алкохолот, не знаеме лек.
Но ако се придржувате до ова, сигурно празниците ќе ви минат без главоболки, во пријатно и весело расположение.