Сараевската поп-рок група „Црвена Јабука“ ќе настапи на манифестацијата „Тиквешки” гроздобер, која ќе се одржи од 28 до 30 август годинава во Кавадарци.
Грозодберската програма ќе започне во петок, 28 август, со отворање на изложбата „Скулптурата во Кавадарци“ чии автори се уметници од Кавадарци. Потоа ќе следува дегустација на вина од тиквешки винарии и презентација и дегустација на повеќе сорти грозје, а петочната програма продолжува со кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“.
Забавата на градскиот плоштад, како што е најавено, ќе започне со убавата песна на легендарниот Никола Бадев во чија чест ќе биде посветена „вечерта на виното и песната“, по што ќе следи настап на Христијан Тодоровски, Ареа и Ди џеј Саф, а на полноќ во хотелот „Уни Палас 2“ ќе се избираат вински крал и кралица.
Гроздоберската програма во сабота започнува со изложба на олдтајмери и турнир во табла. По изложбата на фотографии „Замоци, Дворци и спомениците на УНЕСКО во Република Чешка”, ќе започнат централните активности од годинашниот гроздобер, винскиот карневал и концертите на „Црвена Јабука“ и „Оливер Драгоевиќ“., информираат од локалната самоуправа Кавадарци.
Првиот дел од програмата во недела на 30 август е наменета за најмладите. На градскиот плоштад ќе има улични забавувачи, детска музичка програма, а на пладне ќе започне детскиот карневал. Попладне ќе се избираат најдобри вина, а од 21 часот е планиран настапот на Наташа Малинкова, Суперхикс и „U2 трибјут бенд“.