Сигурно и вие имате барем една познаничка во пријателите на Фејсбук чиј единствен опис за нејзиниот профил би бил – патетика!
Без разлика што одамна ја има раситнето третата декада од животот на нејзиниот ѕид прво што ве дочекува се две зајчиња, розово и сино во некои велигденски корпички, на кои се тагнати таа и нејзиниот партнер. За неа и ајде да подголтнете, но под сликата кога ќе ги видите петте срциња во коментар од дечкото, па уште 3 бакнежи, на кои таа возвраќа со нови 10, па взамени лајкови итн, се на што може да помислите е веднаш да покренете потрага по изгубената машкост!
ПЕСНИ
За песните и да не говориме, секој ден како печурки на дожд никнуваат линкови на нивните профили од песни со разнежнувачка содржина, но и кога се работи за некое хумористично клипче одговорот од спротивната страна се 10 бакнежи за „бебето“.
Единствен исклучок од ова се деновите кога врската ќе ја зафати криза, па наместо срцињата се среќава по некоја група со заканувачка содржина или песни од типот „Simply the best“ и „I will survive“.
ФОТОГРАФИИ
Да се навратиме на фотоалбумот „јас и срцето“ во кој после сликата со зајачињата стигнувате до онаа со принцот и принцезата, па од ликовите на Бела и Едвард од Twilight, па и до некоја од нив конечно. И се вака во низа до недоглед…
ФЕЈСБУК vs. РЕАЛНОСТ
Па за што е цела оваа траги-комедија? Зар ако на Фејсбук не ги сервираме нашите чувства тоа значи дека не се сакаме?
Толку ли станавме очајни за внимание и имаме потреба некој да ни завидува на љубовта што ја имаме?
Многу подобро би било во 4 очи да му кажете колку го сакате, отколку тоа да го напишете на неговиот ѕид на Фејсбук. Без разлика дали причината е што посакувате да ви позавидат на пронајдената љубов, дали за јасно да им нагласите на неговите женски пријателки дека тој веќе е зафатен или за да ја пополните емотивната празнина во врската во реалноста, нема потреба да го правите тоа затоа што ниту една од наведените цели нема да ги остварите на тој начин.
Прво нема да ви позавидат затоа што поголемиот дел од пријателките веќе имаат партнер, а и да се сингл ваква патетика сигурно не посакуваат, второ неморалните девојки за да го зграбат пленот ниту бурма не ги спречува, а не пак Фејсбук пост и трето вие пак ќе бидете осамена и разочарана во ноќите со врска која не ве исполнува без разлика на стотиците љубовни песни посветени нему на Фејсбук.
Ова време искористете го за милувања со реалноста и оставете го да биде тоа што е предодреден да биде – маж во вистинска смисла на зборот!