Македонската фудбалска легенда Артим Шаќири е во центарот на вниманието на албанските медиуми во пресрет на квалификацискиот натпревар помеѓу Македонија и Албанија во Струмица на стадионот „Младост“ вечерва од 20:45 часот.
Некогашниот капитен на Македонија кој стана миленик на македонската фудбалска јавност поради своите игри и пожртвуваност во репрезентацијата, секако е интересен и за медиумите на западниот сосед, поради специфичноста на натпреварот.
Во интевју за порталот panorama.com.al тој зборуваше за престојниот натпревар помеѓу двете соседни земји. Тој смета дека Албанија има за нијанса поквалитетна репрезентација бидејќи учествуваше на ЕП, но и дека Македонија никако не смее да се потцени. Исто така, побара да не се меша политиката во ваквиот натпревар.
„Двата тима влегуваат со победи во претходните натпревари и најмногу посакувам вечерва да има добар фудбал. Се надевам дека нема да има проблеми, туку фер игра. Секако, и Македонија и Албанија ќе бараат победа на овој меч. Но, во моментов мислам дека Албанија е малку поквалитетна од Македонија. Затоа, мислам дека се благи фаворити, но ќе мораат добро да се покажат ако сакаат да победат. Албанија играше на ЕП, па поради тоа мислам дека е поквалитетна од Македонија.“, вели Шаќири, кој прокоментира и за победата на Македонија над Израел.
„Да бидам искрен, не очекував победа на Македонија против Израел. Мислам дека и со реми ќе бевме задоволни. За разлика од претходните натпревари, овојпат Македонија покажа игра на повисоко ниво. Победата дополнително го зголемува мотивот и самодовербата кај Македонија за мечот со Албанија. Мора да знаете дека на овој натпревар македонските фудбалери ќе дадат се од себе. Македонија никако не смее да биде потценета“, вели некогашната „десетка“ на Македонија.
На прашањето од новинарите за кого ќе навива на вечерашниот меч, Шаќири одговори:
„Немојте да ми правите да се чувствувам непријатно. Јас сум Албанец, но не можам да го заборавам фактот дека одиграв 75 натпревари за Македонија и тоа мора да се почитува. Пред се, јас сакам да нема инциденти на овој натпревар. Да ги заборавиме навредите и да гледаме фудбал“, изјави Шаќири, кој потоа се обиде да објасни зошто овој натпревар се игра во Струмица, а не во Скопје.
„Од она што го знам јас, главната причина е безбедноста. Мора да се разбере, полицијата би имала големи тешкотии ако се играше во Скопје, бидејќи се знае дека таму ќе имаше поголем број на албански навивачи. На помал стадион, присутноста на албанските навивачи ќе биде помала. Ако се играше во Скопје, стадионот ќе беше преполн со албански и македонски навивачи. Не верувам дека ќе има инциденти како на мечот Србија – Албанија. Најважно од се, играчите мислат само на фудбал. Ова ќе биде важен натпревар, бидејќи двете репрезентации ќе се борат за третото место во групата. Се надевам на убав и атрактивен меч и мислам дека нема да има инциденти“, изјави Шаќири.