Велат дека човек кој не чита добри книги, нема никакви предности во однос на оној кој воопшто не ги чита. Книгата „Маскенбал“ од 18-годишната ученичка од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ е вистински избор за љубителите на добриот текст.
Преку перото на младата талентирана писателка Анѓела Јакимовска можете да го погледнете светот од еден поинаков агол, агол кој реалноста го крие зад лицето на маската. Маскенбалот е дел од нашето секојдневие, па затоа и книгата носи таков наслов, со цел тој маскенбал да заврши, да се разотрие.
– Книгата започнав да ја пишувам уште од 2012 година. Таа е психолошка по жанрови. Мислам дека маскенбалот помеѓу луѓето е се поприсутен во нашето живеење, па затоа и книгата носи таков наслов. Животна приказна за развој на личноста на една девојка од нејзиното рано детство па се до нејзината старост. Пишувана е со хуманистичка цел. Главниот лик во книгата е склоп на многу човечки животи – вели Анѓела.
– Пишувам од потреба, не од амбиција. За читателите на „Маскенбал” имав впечаток дека ја доживуваат и чувствуваат книгата, значи била успешна. Што посебно ме израдува. Ова не е никаква критика за луѓето, или за нашето живеење. Ова дело е совет дека нашиот маскенбал во животот некогаш би требало да заврши. Инспирацијата доаѓа општо од секојдневието. Секаде слушаш приказни и ги сплотуваш во една – додава авторот на книгата.
„Маскенбал“ е веќе пуштена во продажба во библиотеките на „Табернакул“ и „Матица“. Ова е прва издадена книга на талентираната писателка но најавува дека и во иднина ќе не изненади со некое ново дело.