Приказната на новинарот на турскиот интернет-портал Manisa Haber Gazetesi (Маниса дневен весник) ја пренесува порталот fakulteti.mk. Агар веќе 7 години ги следи големите спортски случувања, па професионалните обврски му наложиле да дојде во Скопје и да известува за Суперкупот. Но, кога почнал да бара сместување, многу се изненадил. Штом видел дека нема да може да престојува во хотел, почнал да се распрашува меѓу пријателите дали познаваат некого во Македонија каде што би можел да престојува за време на Суперкупот.
– Еден мој добар пријател, кој е фудбалер во Турција, се јави кај својот братучед во Скопје за да праша дали може да ми најде сместување. Тој и неговото семејство без размислување ме поканија бесплатно да престојувам кај нив и ме гостеа три дена. А не ме ни познаваат – вели Хакан.
Во трите дена колку што престојувал во Скопје, Хакан успеал да го прошета градот, како и околните места, во друштво со најмладиот член на семејството на неговите домаќини, Лоран Бајрами. Освен што присуствувал на натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, успеал да ги види и центарот на градот, Старата чаршија, да го почувствува ноќниот живот. Дури бил и на Матка. Хакан вели дека престојот во Скопје ќе го запамети по неколку работи, а најмногу по неговите љубезни домаќини кои ги отвориле вратите од нивниот дом без воопшто да го познаваат.
– Ќе ја паметам атмосферата на стадионот за време на натпреварот, спомениците на плоштадот, кои се многу големи, и гостопримливоста на моите домаќини, особено колачот и чајот на Лаки и полнетите пиперки на Маја. Би сакал, пак, да дојдам во Скопје бидејќи градот многу ми се допаѓа. Не е огромен, но не е ни многу мал. Плус, релативно е евтин за странските туристи – завршува Хакан.
Целиот текст и повеќе фотографии ТУКА.