Вистинските фанови на хоророт никогаш нема да се изморат од култниот „Ајкула“ (Jaws). А за да го подобрат соживувањето, постојано смислуваат нови начини на гледање на блокбастерот на Стивен Спилберг.
Така дојдоа до идеја филмот да се прикажува навечер, на џиновско платно, додека гледачите „седат“ во внатрешни тракторски гуми за пливање, и тоа во водите на едно вештачко езеро во Остин, Тексас.
Настанот, соодветно именуван како „Ајкула на вода“ е во организација на локалното кино – Аламо Драфтхаус. Тие всушност го организираа настанот за прв пат уште пред повеќе од 10 години, но истото ќе го повторат летово, на почетокот на август, по повод 40-годишнината од филмот.
Прикажувањето на 9-ти август ќе се одржи на езерото Ski Ranch, кое ќе блеска со еден куп храбри филмски фанови, но и доста распрскани барчиња околу езерцето, каде публиката ќе има можност да ја изгаси жедта. Исто така, ќе има и пловечки шанкови до кои гледачите ќе можат да допливаат и да купат крофни, пуканки, сендвичи и други грицки и храна.
Но најважно, од Аламо Драфтхаус велат дека ќе имаат ангажирано најмалку 10 „ајкули“ кои ќе демнат под вода и ќе грабаат нозе. Додуша, и да ги нема, сигурно ќе се најде доброволец од публиката.