Доколку сакате во ова ладно време да пиете чај од уникатна шолја за чај или пак да ги сместите вашите пенкала во канцеларија во ваша лична уникатна изработка, тогаш ви предлагаме да направите сопствена шолја за чај во разни бои.
Сè што ви треба е малку време, креативност и неколку базични работи: бела, керамичка шолја за чај, лак за нокти во боја по ваш избор, чепкалки за заби, сад со топла вода и салфетки.
Како да ја направите?
Најпрво ставете топла вода во пластичен сад и потоа во водата истурете го лакот за нокти. Доколку сакате еднобојна креација тогаш откако ќе го истурите лакот веднаш ставете го долниот дел на вашата ќерамичка шолја во таа смеса. Потрудете се после ставањето на лакот во водата, брзо да ја ставите шолјата за чај во смесата за да добиете прекрасен дизајн и да избегнете сушење на лакот.
Ако сте се одлучиле за дизајн со две или три бои, тогаш откако ќе го истурите лакот со една боја, истурете го и вториот лак со различна боја и со помош на чепкалка за заби промешајте за да направите дизајн по сопствена желба.
Откако ќе го направите сето тоа, пополека со салфетка потапкајте по деловите на чашата за да ги отстраните вишокот наслаги на лак од вашата шолја. Потоа оставете ја да се исуши два до три часа.
За крај запомнете да не ја ставате оваа чаша во микробранова и да ја миете рачно, сè со цел да не се оштети вашиот дизајн.
Овој процес одзема малку време, а може да биде совршен новогодишен подарок или едноставно ваша лична креација која ќе ви биде омилена овие студени денови.