Уште само неколку часа нè делат од првиот историски натпревар во групната фаза од Лигата на Европа. Таму се најде Вардар со успешните резултати во квалификациите, пред се во плеј-офот против Фенербахче. Историјата е веќе напишана, сега останува само гордо да чекориме по патот на големите европски клубови.
Ждрепката секаше во групата на Вардар да се паднат тимовите на Зенит Санкт Петербург, Реал Сосиедад и Розенборг. Првиот предизвик на нашиот шампион е веќе утре, на Националната Арена „Филип Втори“. Ни доаѓа славниот руски тим Зенит, неколкукратен првак, гигант на својата земја, тим кој што често е во завршницата во натпреварите во Европа.
Пордажбата на блок билети за натпреварите во Лигата на Европа заврши. Во овој момент е во тек продажбата на поединечни карти. Веруваме дека овој натпревар е магнет за публиката, да дојде во што поголем број утре на стадионот и да му даде поддршка на Вардар со една цел – тимот да забележи добар резултат.
Љубовта на фановите кон Вардар е голема, веруваме дека утрешниот натпревар против Зенит, ќе биде вистински празник на фудбалот.
– Уште еднаш апелираме, за да мине сè во најдобар ред, потребно е и публиката да ги исполни очекувањата и да ги почитува строгите закони и строгите правила кој ги носат овие натпревари. Апелираме за фер и коректно навивање, без извици на национализам, на расизам против било кого. Да се воздржиме до секакви скандирања кои ќе донесат несакани последици на клубот. Да го заштитиме Вардар од строгите санкции и казни на УЕФА – апекираат од ФК Вардар.
– Затоа Ве молиме да дојдете порано на стадионот, да го завземете своето место на некоја од трибините. Да не носите со вас цврсти предмети, затоа што истите ќе Ви бидат одземени. За време на натпреварот да се однесувате според правилата и прописите. Да не седите на скали, туку на своето место. Со максимална поддршка да ги бодриме нашите момци во обидот да стигнат до нова домашна победа. Онака како што наликува на еден натпревар кој почнува да ја пишува Вардаровата историја – велат од клубот.
Епа драги читатели, дојдете на трибините на Националната Арена „Филип Втори“ и бодрете го Вардар. Сите заедно да славиме нова европска победа! Се гледаме на стадион!