Панамскиот остров Коиба поседува кристално чисто море, бели песочни плажи опкружени со палми и неистражени дождовни густи шуми. Но кој може да претпостави дека овој рајски остров има толку мрачно минато и неизвесна иднина?
Во минатото таму ги испраќале најопасните криминалци, но и непосакуваните политички затвореници. Илјадници затвореници, познати како Los Desaparesidos (Исчезнати), немале шанси да избегаат, бидејќи островот бил преполн со отровни змии и инсекти, а во морето околу него имало премногу ајкули.
Денес, 100 години подоцна, недопрени се околу 80 отсто од дождовните шуми, најголемите во Средна Америка, а во 2005 година, непосредно после затворањето на казнената институција, националниот парк е прогласен за светско наследство под заштита на УНЕСКО.
Разновидноста на живиот свет ги привлекува и научниците и љубителите на природата. Островот изобилува со автохтони видови на цицачи, птици и растенија и е последно прибежиште за загрозените видови, како гривастиот орел и црвените ари.
Лоциран на истиот подводен гребен како и Островите Галапагос, Коиба има и многу разновиден морски свет каде водата околу островот е коридор за миграцијата на ража, желки, делфини, бели ајкули, китови и риби.
Коиба е позната како едно од највозбудливите места за нуркање на кое можат да се видат најразлични видови на риби. Меѓутоа, сè поголемата популарност на островот е сериозна причина за загриженост. Поради ограничените можности за снабдување со вода и отстанување на отпадот, островот не може да го поднесе напливот на туристи кои го посетуваат во рамките на редовните патувања со брод.
Камило Консуегра, сопственикот на „Панама нуркачкиот центар“, вели дека нема ограничување на бројот на гости кои можат да го посетат островот. За на него да преноќат мораат да имаат дозвола, но секако може да се појде на излет.