Колку ќе се здебелите додека сте бремени, освен од исхраната зависи и од телесната тежина што претходно сте ја имале како и од индексот на телесна маса. Едно е сигурно, неправилната исхрана предизвикува насобирање на масни наслаги околу стомакот што потешко се симнуваат. Во просек, жените се здебелуваат за 10 до 15 килограми.
Експертите строго советуваат дека жените што пред бременоста имале проблем со тежината, не смеат да дозволат да се здебелат повеќе од 7 килограми додека се бремени.
Ваквите бројки не треба да ве загрижуваат, бидејќи додека да стасате да слабеете вие веќе ќе се ослободите од вишокот килограми. Еве како:
5 килограми жените губат веднаш по породувањето
Значи станувате полесни за 5 килограми поради отсуството на тежината на бебето, што веќе не е во вас, крвта, плацентата и плодовата течност.
2 килограми се губат во првата недела
Вишокот на вода, што отприлика изнесува 2 кг. се губи во текот на првата до третата недела.
0,5 до 1 килограм секој месец губат доилките
Со помош на лактацијата се трошат околу 500 калории дневно, еве уште една добра причина да го доите вашето малечко.
И кога на сето ова ќе се додаде макотрпната работа околу бебето, излегува дека за помалку од еден месец, по породувањето, вие сте изгубиле 10 килограми. Всушност ако во текот на бременоста сте се здебелиле само 10 килограми, вие немате потреба од диета, освен малку спорт за затегнување на попуштениот стомак. Но и тука постојат неколку правила, еве за што станува збор:
1. Драстичното намалување на телесната тежина влијае на квалитетот на млекото, што значи не смеете да губите повеќе од 1 килограм во месецот! Покрупните мајки може да си дозволат и 1,5 килограми месечно.
2. Жените што се породиле нормално, може да почнат со вежбање после месец дена по породувањето. Оние што поминале со царски рез, ќе мора да почекаат да заздрави раната.
3. За да се вратите во форма, најпаметно е да започнете со пешачење. По недела дена можете да вклучите и основни вежби, особено за истегнување на грбот и половината. Пливањето исто така се смета за одлична вежба за во постпородилниот период и јогата бидејќи овозможува зацврстување на попуштените карлични мускули, а со тоа значајно го подобрува сексот.
4.Задолжително доите го детето пред да почнете со вежби, ем нема да ви тежат градите и да ви истече млекото и плус ќе оневозможите млекото да добие киселкав вкус (спортот ја зголемува млечната киселина во млекото).