Чарлс, јас исто како тебе сум страшно болен.
Како тебе, гледам различно од другите.
Слушам различно.
Дури понекогаш и сонувам различно.
Како ја викаше ти таа болест?
Поезија? Срам те било Буковски. Засрами се од годините.
Па мораше ли и мене да ме заразиш?
Немој сеуште да стануваш Чарлс. еве види со моите очи
Не чини Чарлс, не чини. Многу не чини.
Тоа што го гледам, ме боли. Каде ме боли?
Не знам… изгледа сегде
Улицата е мудра на свој начин
те учи како да преживееш
те учи како да примиш удари
понижување
навреди
дека татко ти,
мајка ти се плашат
да ти кажат
дека надвор има ѕвер
што блуе оган
и голта се живо
и неспремните како
јагненца на колење
завршуваат во неговата
утроба
Улицата те учи
како да бидеш ѕвер
дека само ѕвер
може да се бори со ѕвер
и понекогаш
додуша ретко
и да победи
Само улицата може да те научи
како да останеш по малку нормален
откако ќе сфатиш
дека се се прави наопаку
грдите се топ модели
грдите во душа, тие се топ модели
манекени за ужас.
Стриптизетите
и порно глумиците
водат држави
од забава се сечат глави
умни глави
тие први се тркалаат
дека празна глава кога
ќе исечат, ќе им одлета
како балон со хелиум…
Булевари
забрефтани артерии
преполни со железната крв
од возила, кои како
хаотични шрапнели
од некоја урбана експлозија
се разлетале насекаде
па стигањето дома
во едно парче
се смета за достигнување
толпа
куп луѓе
куп исплашени луѓе
Посигурни се
во толпа
сами – не смеат
мракот е страшен
сенките од пружените алишта
што висат од балконите
изгледаат како страшила
Не, подобро им е во толпа
како стампедо
водено од примитивни
фрустрации и стравови
па најсилно викаат оние
најисплашените
Веројатно така ќе си остане
луѓето и понатаму нема да ме разбираат мене
а јас и понатаму нема да ги разбирам нив
А помислував многу пати да се лечам
ама една мисла ме спречува, Чарлс…
Што ако оздравам?
Што тогаш?
Автор: Драган Таневски