Пред многу години, во една земја живеел еден мудар крал. Имал се, и пари но немал деца. Многу сакал да има престолонаследник, па често размислувал да посвои некое од децата од кралството.
И конечно решил:
– Ќе го најдам најискреното, вистинољубиво дете во нашата земја и ќе го воспитам!
Еден ден, кралот наредил да ги соберат децата од кралството и да ги донесат кај него во кралскиот двор. Им поделил по едно семе од цвеќе и им рекол:
– Тој што од ова семе ќе одгледа најубаво цвеќе, ќе ми стане син или ќерка.
Сите деца се труделе да го одгледаат семето и да го импресионираат кралот. Со нив бил и малиот Суир. Поминал цел месец а неговото цвеќе не се појавило. Дошол денот што кралот го одредил како ден кога децата ќе треба да дојдат и да му ги донесат цвеќињата а кралот одел од дете до дете и ги разгледувал цвеќињата, сé додека не стигнал до Суир. Тој стоел со празна саксија во рацете и плачел.
– Каде е твоето цвеќе? – го прашал кралот.
Суир, низ солзи, раскажал дека пробал сé што знаел, но дека семето не никнало. Тогаш кралот го зел за рака и извикал кон толпата:
– Еве го мојот искрен, вистинољубив син!
Од сите страни се јавило негодување:
– Зошто тој? Па тој донесе празна саксија! – викале децата и родителите од сите страни.
Кралот задоволно, но строго одговорил:
– Затоа што на сите им поделив сварено семе! Не е возможно од такво семе да никне цвеќе!