Понекогаш знае да ме обземе тага на сред радоста додека те гледам како играш. Така си безгрижна, весела, со нескротлив дух и нежна душа.Пркосна. Своја. Ти ме роди мене, не јас тебе, често ми го тоа кажуваш. Да и постара си, јас не знам ништо, а ти знаеш се.
Те гледам и не можам да не мислам на животот во кој веќе газиш, низ кој веќе чекориш. Ти не си родена за компромиси. Не си направена од материјал кој може лесно да се обликува и менува. Ме заболува оној дел во мене, кога твојата душа сака, сака од коса до стапалата, кои ја додирнуваат земјата и не се срами тоа да го покаже. Оној дел кој не сака да признае кога нешто не е во ред, само зада другите тоа не го приметат и видат.
Тоа е делот во душата кој луѓето најчесто и најлесно го подгазуваат. Можев нешто друго да ти оставам во аманет…
Се сеќавам на моите љубовни приказни, на моите пролеани солзи, на краљевите кои ми рушеле светови. Барем така мислев тогаш. Изгледа дека сум рушела и тврдини за да дојдам до сопствена тврдина која сум ја изградила и во која сум се пронашла себеси како човек.
Кога ќе пробат да те срушат,не потклекнувај. Така стануваш само појака. Ти не си родена за мали работи. Оној кој ќе ти го каже тоа, те нема погледнато, не те познава добро а и не е ни вреден за да те запознае подобро. Ќе има многу кои тоа нема да го приметат во тебе, меѓутоа тоа не го менува она што вистински си ти. Немој да им веруваш! Слушај ја својата есенција онаа во длабочината на твојата душа и верувај дека никогаш нема да погрешиш, колку и да мислиш дека би останала и самана светот. Не се плаши од самотијата. Таа може дабиде многу корисна ако управуваш ти со неа а не таа со тебе. Сите оние кои ќе те растажат, поради кои ќе плачеш, ќе поминуваш безборој непреспиени ноќи, ти се дадени на патот за да можеш полесно да го препознаеш добриот, вистинскиот и да го прифатиш безрезервно. Тие не ти се испратени да трошиш време со нив, само за да знаеш да препознаеш добро од лошо, и да сфатиш дека секогаш има лошо како и добро.
Секој ден гледај го својот одраз во огледало. Развлечи ја твојата убава, широка насмевка и посакај и на лепотицата во огледалото најубаво добро утро. Колку се сакаш самата себе, толку ќе те сака и околината. Кога беше бебе, зборувавме и се смеевме бидејќи кога ти се смееше ти се помрднуваше и делчето во косата, над челото твое. Ти посакувам таква насмевка до крајот на твојот живот. Кога нема да бидеш задоволна со себе, или со некој дел од тебе, кога ќе сакаш да промениш нешто или се, сакам да знаеш дека ја имаш најубавата свилена коса, со боја на костен, убави очи со долги трепки на кои и другарките ќе ти завидуваат, порцелански тен како на куклите, мало носе, за кое некој еден ден ќе ти каже дека тоа е најубавото носе на светот и образи како да штотуку си излегла од некој козметички салон. Сакај го секој твој дел,од Бог ти е даден.
Гледам дека овој свет оди поѓаволите. Девојчињата се облекуваат како да тргнуваат на кафе во град а не за во училиште. Веројатно мислат дека изгледот на гардеробата го прави и гради човекот и дека токму така и на тој начин ќе ја пронајдат својата сродна душа. Да знаеш, твојот татко го освоив со насмевка, широка и искрена, баш таква каквашто и на тебе Бог ти подари. Нека насмевката ти биде најголема заштита и оружје со кое ќе го освојуваш светот, не само човекот. Таа не те троши а купува се.
Запамети дека секој почеток се случува баш кога треба, и секој крај е онаков како што треба да биде. Ретко ќе ги запомнуваш по лошите работи. Кога проаѓам низ страниците на мојот дневник, кој сум го пишувала од моите единаесети и наредните петнаесет, забележувам дека секој крај бил вреден за мене. Понекогаш тоа немада го забележиш одма и ќе мислиш дека екрај на светот. Можеби и ќе ти бидат потребни и 15-20 години да сфатиш, ама на крајот ќе видиш.
Никогаш нема да ти кажам ,,Немој тоа!,, или дека мама знае најдобро. Те научив да кажеш ,, Го сакам тоа,, наместо да кажуваш што не сакаш. Така луѓето околу тебе подобро ќе те разберат. На тој начин ни ти нема да заборавиш да мислиш на работите што ги сакаш, а не само за оние што не ги сакаш.
Работи на себе често. Учи и проширувај го своето знаење,зошто и највештиот крадец не може тоа да ти го одземе. Жените кои бараат повеќе од животот, го добиваат тоа. Чувај се и сакај себеси. Тоа е единственото нешто што не смееш да го заборавиш. И биди своја. Баш онаква каква што си, затоа што Бог те создал таква. Совршена.
Извадок од книгата ,,Како расте мама’’- Tatjana Kuljac