Се движат по улица фатени за рака… Таа згодна висока девојка со долга свиленкаста коса која нежно чекори како газела, а тој со некоја година плус врежена на неговото лице, стомак пуштен напред и неугледна кошула.
Таа вистинска Снежана, а тој прв роднина на Квазимодо од Есмералда.
И наеднаш пред вашите очи блеснува привидение. Размислувате дека тој сигурно вози бесна кола, има куќа на Водно, стан во Охрид, вила на Маврово и оди на кафе во Париз. Да, наеднаш станувате подобра и од Саманта, Сабина или јасновитката Клеопатра. Девојката ја етикетирате како спозоруша, а него како човек кој мора да си купи љубов со пари.
Говорите против предрасуди и дискриминација, а токму тоа го правите. Судите според надворешниот изглед.
Зар мирната површина на Мртвото Море не ви дава слика на богат подводен свет кој живее во совршена хармонија… И веднаш сте во заблуда, бидејќи големата заситеност со сол (6 пати позаситена од океанските води) го прави речиси безживотна површина. Па така и под оваа чудна надворешност на овој пар можеби се крие најчистата, најискрената љубов.
ТOJ можеби е паметен, харизматичен човек кој може да насмее дури и девојка која се гуши во сопствените солзи. Неговиот ум размислува со брзина на светлината, а животните одлуки ги донесува промислено и внимателно. Неговите раце се лулка за заштита, а тој е цврст столб на кој секој може да се наслони. Кога ќе започне да говори станува ѕвезда во секое друштво, а на реката вицови и загатки, кои ги знае, секој може да му позавиди.
ТAA повеќе не е средношколка која ги бира партнерите по физичкиот изглед. Одамна сфатила дека убавото лице и коцките на стомакот не се гаранција за добро друштво и забава. Да ја видат со убав дечко покрај себе, кој во слободно време го чува во рамка, повеќе не ја исполнува. Сега сака да ужива во земните задоволства… Во смеата, во интелигенцијата, во добриот секс. Карактерот е пресуден кај партнерот, а убавината е само пропратен детаљ, кој ако изостане, за неа не претставува смртен грев. Таа го сака него затоа што ја разбира, ја цени, ја почитува, ја забавува, ја хипнотизира со неодоливиот шарм и знае да комуницира со неа.
Фасадата на куќата, не секогаш, соодветствува со топлината во домот. Па така не судете со очите, судете со разумот!
Ако еден ден се најдете во ситуација вие да сте ТАА препуштете се, затоа што за љубов не треба совршено распоредени коски на лицето, манакенска фигура или сини очи, за љубов е потребно само срце, нежно и искрено…