Она кога длабоко во себе знаеш дека те допрело, повредило, замислило или го разбудило нештото за кое долго време си мислел дека не постои?
Како човек без емпатија тој збунувачки момент не знаеш дали треба да те радува или уплаши… Не постои човек без емоција. Постои само човек кој многупати бил повредуван, издаден и оставен сам со себе во цела гужва од насмеани лица. На моменти со изгубен компас, на моменти со чувство дека целиот свет го владее се до следниот удар. И така ден по ден, цигла по цигла наеднаш се будиш опкружен со цела тврдина околу себе каде што егото е главниот стражар на твоите емоции, реакции и делувања. Сите обиди за напад завршуваат неуспешно од страна на непријателот… Затоа што веќе сите можни напади се земени во предвид и не постои место каде што би се успеало да се продре и допре до тебе. Живот по навика. Будење, облакање на маската, подесување на софтверот на зборовите, на реакциите, лажната насмевка на себе и спремен за уште една борба во која секако си секогаш ти победникот затоа што поинаку и не знаеш а и не сакаш. Во твојот речник не постои зборот загуба, оддамна е избришан. Час по час, ден по ден. Час по час. Ден по ден.
И наеднаш се будиш и приметуваш дека нешто чудно се случува. Нешто има изместено во она секојдневие на кое си навикнат. Една цигла паѓа… Те штрекнува. Мислиш дека егото не си ја врши доволно добро работата. Го појачуваш… Добро е, една цигла нема да ја сруши целата ѕидина. Маската, лажната насмевка пак на себе и повторно истата борба. Нешто се случува, те препотува и како малку да ти се поместува маската но умешно ја подместуваш и продолжуваш. Нов ден… Нова борба. Се до оној момент кога наидуваш на човек кој не сака да се бори со тебе.
Наеднаш гледаш вистинска насмевка наспроти тебе. Се подзамислуваш, но минатите разочарувања те потсетуваат дека никако не треба да паднеш пак, да веруваш дека ова е искрено, а нешто длабоко во себе ти одѕвонува во душата дека ова нема да те повреди, ова нема да те боли…Не знаеш дали да си веруваш себе си или на своето его да му ја препуштиш таа борба и да не ја осетиш среќата што можеби овој пат е вистинска.
А животот час по час, ден по ден како песочен часовник одбројува без да знае дека ти имаш рани за кои си мислел дека се недоизлечени… И ОДЛУЧУВАШ ЌЕ ГО ПОЈАЧАШ ЕГОТО ПАК. Со трчање излегуваш надвор и гледаш само остатоци од циглите….Ѕидината не постои веќе…. Се срушила ! Или НЕКОЈ ја срушил. Но овојпат не постои страв. Постои некоја необјаснива среќа која те одбрала тебе. Можеби за да ти покаже и да те научи дека сите заслужуваат да бидат среќни, само секој во своето време.