Motorola денес претстави производ наменет за оние корисници кои што често им се случува да не можат да се сетат каде ги имаат оставено своите клучеви или мобилниот телефон.
Се работи за мал уред кој што се поврзува со вашиот мобилен телефон преку Bluetooth, а може да се постави на вашите клучеви како привезок. Со поврзувањето со мобилниот телефон за кој што доаѓа соодветна апликација, можете да ги наоѓате уредите на растојание до 30 метри. Апликацијата е достапна за корисниците на двете најкористени платформи, односно Android и iOS.
Начинот на кој што функционира овој уред е едноставен и сигурно веќе ви е јасно. Доколку мобилниот телефон не можете да го најдете, притискате на копчето на уредот и телефонот почнува да ѕвони и обратно, доколку не можете да ги најдете вашите клучеви преку апликацијата можете да вклучите звук кој што треба да ви помогне да ги лоцирате, со надеж дека сепак ги имате изгубено во вашиот дом, а не некаде надвор.
Уште една интересна можност која што ја нуди овој уред е користењето како Smart Lock уред за вашиот телефон доколку работи на најновата верзија од Android, односно Android 5.0 Lollipop. Оваа функција ви овозможува телефонот секогаш да е отклучен кога се наоѓа во близина на некој уред кој што го имате поврзано и назначено како сигурен уред. Се мисли за отклучување на уредот доколку имате наместено тој да се заклучува со шифра, отисок од прст или некој друг начин, односно не се мисли на обично отклучување кое што се прави со повлекување на прстот.
Motorola Keylink ќе се продава по цена од 25 долари, но сега за сега не може да се нарача во нашата земја преку официјалната страна.