Microsoft дефинитивно се враќа на насловните страници со новиот Windows 10. За неполн месец од претставувањето на новиот оперативен систем, односно пуштањето во употреба, истиот е инсталиран на преку 75 милиони уреди.
Како споредба, Windows 8 го имаше во 40 милиони уреди во првиот месец од лансирањето и тоа кога продажбата на компјутери и лаптопи беше на многу повисоко ниво. Всушност, доколку го земеме во предвид фактот дека лаптопи со Windows 10 се уште не се претерано достапни, бројката од 75 милиони делува импресивно. Уште поимпресивна е достапноста на платформата – Windows 10 го има на 90.000 различни таблет, лаптоп или компјутери!
Но, тоа на колку уреди е инсталиран оперативниот систем е само едната страна од приказната. Имено, корисниците на Windows 10 инсталираат шест пати повеќе апликации од Windows Store во однос на Windows 8. Самиот факт дека корисниците ги прифаќаат модерните апликации е многу добар знак за платформата и е факт кој со сигурност ќе привлече многу дивелопери.
Исто така, Windows 10 е веќе инсталиран во 192 различни земји (во ООН има 193), меѓу кои е и нашата. Кај нас, како што дознаваме од Microsoft Macedonia, има најголем процент на префрлање на Windows 10 во регионот, што е секако за пофалба. И, уште една бројка која можеби не е толку важна за развојот на платформата, но е секако интересна – Cortana за Windows 10 има кажано веќе преку половина милион шеги.
Windows 10 продолжува да се нуди како надградба на корисниците на Windows 7 и 8.1, но тоа се прави во бранови, што значи дека наредниве неколку месеци можеме да очекуваме бројка и од неколку стотици милиони уреди. Microsoft инаку планира 10-ката да биде инсталирана на преку милијарда уреди, за што ќе помогнат и Xbox, Windows 10 Mobile, како и Windows 10 за „Internet of Things“.